Tuesday, May 5, 2015

Заб


Забите ( dentes) се цврсти структури, сместени во забни јамички (алвеоли) на горната и долната вилица од устата. Тоа се структури кои се наоѓаат во вилиците на многу 'рбетници. Водигестијата учествуваат со механичкото ситнење на храната, а кај некои животни, особено кајмесојадните животни, се користат како оружје.
Се разликуваат две генерации на заби: млечни и трајни. Млечните се 20 на број и се појавуваат меѓу 6 и 12 месец од животот. Постојаните се 32 на број и ги заменуваат млечните меѓу 6-та и 8-мата година. На секоја вилица се распоредени по 16 заби, односно по 8 на секоја половина. Забите се разликуваат по формата, бројот и функцијата. Врз основа на функцијата што ја имаат во варењето, поделени се на: секачи (4), кучешки (2), преткатници (4) и катници (6).
Додека луѓето имаат две генерации на заби, некои животни имаат многу повеќе: на ајкулите им расте нова генерација на заби секои две недели. На некои други животни им расте само една генерација заби. Забите на глодарите растат и се трошат постојано преку глодањето на животнотот, одржувајќи постојана должина.

Внатрешност на забот

Во внатрешноста на секој заб се наоѓа забната пулпа (она што во народот е неправилно познато како „нерв“ на забот) во која освен нервите кои му даваат на забот осет за топло/студено, болка и притисок се содржат и крвните садови кои го исхрануваат забот, лимфни садови, одбранбени клетки и сврзно ткиво. Заедно со другите клеточни елементи, крвните и нервнте садови ја исполнуваат пулпината комора која преку коренските канали е поврзана со околното ткиво околу врвовите на корените. Пулпината комора надворешно е ограничена со помош на средниот слој - дентинот.
Дентинот го изградува најголемиот дел од забот и покрај неговата цврстина (која е поголема од цврстината на коските) тој има и голема способност за прилагодување и по потреба се создава целиот живот, но само додека е здрава и пулпата, која го исхранува овој слој.
Во нивото на коренот, дентинот е покриен со цемент - цврсто ткиво кое го штити коренот на забот, и заедно со другите ткива од периодонциумот го поврзува забот за забната чашка - алвеолата.
Во нивото на забната коронка, дентинот е покриен со емајл (глеѓ) - кристална супстанција со најголема отпорност во човековото тело, која служи за спречување на кариес. Емајлот се создава пред никнувањето на забот и неговата градба е дефинитивна - во текот на животот не може повторно да се создаде. Затоа е значајно да се посвети внимание на правилната исхраната на жените во периодот на бременоста и на децата пред никнувањето на трајните заби.
Здравите заби најчесто потемнуваат како што човекот созрева, пулпата во рамките на забот се стеснува и на нејзино место доаѓа дентин.